МАРШАЛОВ ФОНД

| 14 јуни, 2024

Ќе се формира Министерство за ненадлежност со вицепремиер што ќе го води телото за меѓуресорска координација на ненадлежности на сите министерства и државни и општински институции.

1 Цела држава ни е репрезентативен примерок на кој може да се прави студија на случај за ненадлежност. Можеме да одиме по светот и да им држиме обуки за ненадлежност на тамошните власти.

Последен практичен опит е случајот со потпорниот ѕид во населбата Водно над Детската клиника во Скопје. Ѕидот почнал да попушта уште во 2019 година, а сега веќе се урива. Директорите на Клиниката паничеле уште пред пет години, сега паничи Стојанче Ангелов од Центарот за управување со кризи (ЦУК), ама никој не е надлежен. Општина Центар вели дека за ѕидот е надлежен Град Скопје, Град Скопје вели дека ѕидот е одговорност на Министерството за здравство, а Министерството за здравство вели дека ѕидот и улицата над него сигурно не се во надлежност на здравствените власти. И така, по пет години префрлање на надлежноста, кругот се затвори.

Ех, кога би дошла некоја инспекција и да ја затвори цела држава. Само што и инспекцијата ќе мора да биде некоја од надвор, оти ако е тукашна и таа ќе се прогласи за ненадлежна.

Паѓа ѕид што држи улица во центарот на главниот град и го загрозува сообраќајот, паркингот, па и цела Детска клиника, а ти како локална власт избрана и платена од граѓаните викаш: „Тоа не е моја надлежност“. „Решавање на проблеми не е наша работа“. „Не смееме да чепкаме таму“.

Што се случува кога ќе кажеш дека не си надлежен? Ќе престане ли да паѓа ѕидот? Или – не сум надлежен, не ми е гајле. Нема надлежност, нема проблем.

Настрана што ѕидот и тоа како е надлежност баш на локалните власти. Тој ѕид не е потпорен ѕид што треба да ја држи планината. Тоа е бетонска ограда меѓу улицата и Клиничкиот центар која видела мака. Тој од власта што си наплатил комуналии за градба на сите оние зградишта што го силуваат Водно треба и да си го направи ѕидот. Кога веќе биле лакоми за пари од плацеви, тогаш нека платат и нека ја заштитат и болницата од свлечишта. А не, одвај да чекаат да кажат дека се ненадлежни. За да им останат пари во буџетот за уште некое партиско вработување. И за уште некој однапред дефиниран победник на тендер. За да остане повеќе за нив.

Ама, тоа е веќе друга тема. За тоа ќе треба да расправа некоја друга институција што ќе се прогласи ненадлежна.

Туку, анџак новото мнозинство во Собранието го зголеми бројот на министерства, можеа по итна постапка да изгласаат и Министерство за ненадлежност. Со министер и вицепремиер што ќе го води телото за меѓуресорска координација на ненадлежности на сите министерства и државни и општински институции.

2Ако ни на ЦУК не му успее на координативна средба да се открие кој е надлежен да ја спаси од свлечиште најголемата детска болница во државата во центарот на главниот град, следниот логичен чекор е да се свика мировна конференција. Целта на таа мировна конференција би била да се издејствува подолготрајно примирје меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и општинските градоначалници, новинарите, невладините организации, градежните инженери, архитектите, деканите на факултети и граѓаните.

Само, како ли ќе ја контактираат? Полесно ќе се воспостави контакт со вонземјани, отколку со градоначалничката на Скопје. Од Марсовци побрзо ќе добиеш информација, отколку од службите и директорите во Град Скопје. А Марсовците не трошат наши пари.

Претседател на мировната конференција би бил Талат Џафери. Само на него ми текнува како личност со дипломатски, одмерен карактер што може да ѝ парира на градоначалничката на Скопје. Ако треба и поезија ќе ѝ рецитира. Кај што  држи две функции одеднаш, и премиер и пратеник, може да крепи и трета – претседател на мировната конференција за ѕидот. Што секако ќе ги опфати и прашањата за безбедноста на мостот Беласица, до каде е изградбата на пречистителната станица, што се случува со парите одобрени за брзиот транспорт, Универзалната сала, клучката кај Момин поток и ред други работи за кои градската власт се прогласува за ненадлежна, вклучително и редовното косење и собирање на искосената трева.

Како заклучок од таа мировна конференција треба да излезе согласноста на завојуваните страни да се формира некој фонд за да се санираат штетите предизвикани од ненадлежноста како начин на мислење. Како што Американците смислиле Маршалов фонд за обнова на Европа по Втората светска војна, како што сега се прават конференции за обнова на Украина, така ќе треба да се смисли и Маршалов фонд за обнова на распаднатото Скопје.

3Ние не можеме да си дозволиме да не нѐ води идејата за ЕУ. Ама, тоа што шест години по потпишувањето се проблематизира Преспанскиот договор не е кабает на Македонија. А не е кабает ниту на Грција. Двете земји успеаја да решат дипломатски спор што траеше 30 години во срцето на Европа. Арно ама, дипломатскиот пробив што го направивме тука, на Балканот, со помош на САД, ЕУ го претвори во пораз. Не успеа да капитализира од договорот кој самата го поддржа.

Сега се чудат зошто повторно излегува духот од шишето кое Македонија и Грција го затворија пред шест години. Ние го затворивме прашањето, ама ЕУ го задржа отворено. Никој тука не очекуваше дека веднаш ќе влеземе во ЕУ, ама никој не очекуваше и дека истата таа ЕУ што го поддржуваше договорот, наместо да нѐ поддржи на патот, ќе ни поставува нови и нови пречки.

Премногу болеше промената на името на државата. И таман си рековме ни се отворија перспективите, тие ни измислија те нов концепт за проширување, па ај сега вето од Бугарија, ај сега француски предлог, ај сега пак сменете го Уставот….

И нормално е дека оставија време и им дадоа простор на силите што беа против Договорот да јакнат и во Грција и во Македонија. Оставија да расте незадоволството и фрустрацијата кај тие што тешко ја прифатија жртвата со промената на уставното име, ама велеа „дај да ја завршиме таа работа и да одиме напред“. Па нели, не само за наше добро, туку и за доброто на сите, Македонија стави географска одредница на името, а Грција прифати посебност на македонскиот народ и македонскиот јазик. Шуќур, барем за НАТО не нѐ излажаа.

Да тргневме кон ЕУ веднаш по Преспанскиот договор, без да ни измислуваат глупости поради сопствената себичност и самобендисаност, тоа ќе беше добро и за стабилноста на ЕУ. Барем по сите параметри ќе ја затвореше оваа црна дупка во срцето на Европа.

Кому оди во прилог еднаш затворено прашање пак да го отвораш? На ЕУ?

Наместо фактор на мир и напредок, ЕУ стана фактор на нестабилност.

4 Во една скопска државна болница, среде ходникот стои сандаче на кое со големи букви пишува „Пофалби и поплаки“, а на друг лист погоре и упатство за пациентите – за пофалбите и поплаките да се јават кај клиничкиот психолог во соба на првиот кат. Со други зборови, во нашево јавно здравство и да фалиш и да се жалиш, не си арен во главата, за лечење си.

Во меѓувреме, еве цел месец мина, а нема одговор што смрди на Хируршките клиники.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST