1 Судската мерка претпазливост – одземање на патна исправа за осомничени и обвинети за криминал – веќе губи смисла. Од 13 февруари половина граѓани, ни криви ни должни, ни обвинети ни осомничени, ќе бидат под мерка на претпазливост. И без да го остават пасошот да им го чува судот, нема да смеат да ја напуштат државата. Ќе бидат во државен притвор. Не успеале да си ги сменат пасошите со уставното име на државата. Уште и личните карти ако не си ги смениле, ни до Врање во Србија на шопинг во „Лидл“ нема да можат да одат.
Настрана мерките за претпазливост, со неуспехот да се заменат сите стари пасоши, тинејџерите што сега навршиле 18 години не можат да си извадат лични карти. Првите термини за кога им е закажано сликање во пунктовите на МВР им се во септември, октомври. Нема да можат да гласаат на претседателските и парламентарните избори оваа пролет. Оваа неодговорност на властите и на државната администрација доведе до тоа, на илјадници млади луѓе што веќе се полнолетни државата ќе им го укине основното граѓанско право гарантирано со Устав – да гласаат. Да избираат и да бидат избирани. Утре да поднесат тужба до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур – ќе ја победат државата.
Звучи грубо, ама, како да го наречеш ова ако не распад, кога државата не може на своите граѓани да им издаде лични документи за идентификација? Тие матуранти на кои државата не успева да им обезбеди навреме учебници и свидетелства, соочени со стресот дека можеби и матурскиот испит ќе им доцни оти ќе штрајкуваат од испитниот центар, па нема да можат да ги фатат роковите за упис на факултетите, сега доживеаја да не можат ни да гласаат на првите избори на кои имаат право да гласаат. На следните избори, за четири години, може ќе гласаат на некои локални избори во Велика Британија, Швајцарија, Франција, Германија…
Зошто? Затоа што некој од таа администрација, која за плати ни ги троши даноците што ѝ ги плаќаме на државата, не си ја завршил работата за која е платен и навреме не успеал да ги промени личните документи со новото уставно име на државата.
Па после, ќе се вџашуваме колку деца не се појавиле на час во второ полугодие, оти за време на распустот нивните родители се иселиле.
2 На 31 јануари, Македонскиот народен театар прослави 79 години. Ставено во контекст на државата што ги остави своите граѓани без лични документи, еве една едноставна споредба за чувството за одговорност и државотворност во 1945 и 2024.
На 2 август 1944 на АСНОМ се прогласува македонската државниост, а македонскиот јазик станува службен. Само пет месеци подоцна, на ослободена територија, при уште незавршена Втора светска војна, е основан Македонскиот народен театар. Во мај 1947 година е формирана Операта. Во 1949 година е основан Балетот.
Значи, во најтешките години по ослободувањето, во полуразурната земја, со мнозинство од неписмено население, државата формирала три најважни културни институции.
Како современик на оваа, независна македонска држава, членка на Обединети нации, понекогаш си се прашувам што е формирано од 1991 досега од такво значение за македонската идентитетска самосвест? Пред речиси осумдесет години, државата успеала за три години да формира театар, опера и балет. А сега, како круна на неспособноста, истата држава, членка на НАТО и кандидатка за ЕУ, не е способна на своите граѓани да им даде лични документи.
Па и окупирани да бевме, било која туѓа власт да дојдеше, ќе ни издадеше лични документи.
3 При овој распад на системот, ние си правиме муабети за техничка влада, технички министри, заменски министри, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, па прв премиер Албанец, па прослави, па приеми, поздрави и честитки… Могу голем успех, џанам – техничка влада. Божем, заборавивме каков пораз на демократијата беше и самото измислување на техничката влада. Не можевме Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ мирно да ги симнеме од власт, па САД и ЕУ ни смислија и во иднина, кога некој ќе ја киднапира државата, колку-толку да имаме услови за фер избори.
И што направи техничкиот премиер Талат Џафери веднаш штом беше изгласан во Собранието? Прво, наздравуваше со партискиот лидер Али Ахмети кој пееше во една од собраниските канцеларии, додека околу него мажиштата од ДУИ се снимаа како пијат и пушат. Па после, замина со службениот мерцедес на ручек на Плоштад Македонија, а свитата ги паркираше колите пред кафеаната на пешачка зона, каде што е забрането и возење и паркирање. Исто како еден арачиновец, кој во 2020 околу Нова година со „бентли“ возеше од Порта Македонија низ тунелот од новогодишни светилки и вртеше крукчиња меѓу луѓето околу фонтаната на Плоштадот…
За ова ли беше цела таа драма со „Псе јо“, па „Псе јо“ уште пред четири години, специјално осветлување на Скопското кале, албанските знамиња, црвени вратоврски, па беџеви со „ветено сторено“, па летање орлиња со рацете? За ова ли беше сета таа помпа? За да може првиот премиер Албанец да се паркира со службена кола на забрането место и да пуши во државна канцеларија каде што пушењето е забрането со закон? Ова ли било суштината на тоа „псе јо“? Што е толку херојско во кршењето закони?
Верувам дека и за Албанците, како и за останатите граѓани во земјава, ваков концепт на извршување премиерска должност, на толку исфорсирани очекувања, е – прилично разочарувачки.
4 Во меѓувреме, опозицијата на ДУИ замина за Косово на предизборни консултации со косовскиот премиер Албин Курти. Се договарале како да настапат на претседателските избори во Македонија.
На претходните избори во Македонија, партиите на Албанците одеа на консултации во Тирана. Сега одат во Приштина.
И после се лутат кога ќе им речеш дека се однесуваат како ова да не е нивна држава.
5 За ВМРО-ДПМНЕ овојпат не сакам да кажам ништо. Што да кажеш за најголема опозициска партија која предлага свои министри во техничка влада и после не гласа за нив?
AUDIO PODCAST