НОВОГОДИШНИ КРАСТАВИЦИ

| 22 декември, 2023

Со кампањата од 350.000 евра „Европска иднина, поблиску од било кога“, Владата нè казнува оти сме биле глупави што сме останале тука и сме верувале дека ЕУ можело да си ја направиме дома.

1Почна владината кампања од 350.000 евра „Европска иднина, поблиску од било кога“, а јас уште не стигнав да одам на некоја трибина за конечно да ги разберам „реформите кои ќе овозможат понатамошен развој во државата по европски стандарди и градење на европска иднина, дома“. Особено не би смеел да ја пропуштам панел дискусијата на која ќе се зборува за „посвветените напори на Владата кон европската интеграција и кон подобрување на животот на граѓаните по европски стандарди“. Баш ме интересира што ќе кажат за посветеноста на темата „неказнивост и корупција“ по европски стандарди. Дека ние не гледаме што се случува, па треба со кампања да ни кажат. Имавме одамна една кампања „Не примам мито“.

Нам ли ни треба убедување за ЕУ? Нам, што останавме тука, што 30 години сме ја граделе оваа држава мечтаејќи за ЕУ, сега Владата со билборди и со објави на Фејсбук и Инстаграм ќе нѐ убедува дека е убаво во ЕУ. И со панел дискусии на кои Бојан Маричиќ ќе дебатира со Бујар Османи.

Го читав внимателно владиното соопштение за смислата на кампањата, ама никаде не видов дека се споменуваат Бугари во Уставот. Како тогаш го избрале името на кампањата „Европска иднина, поблиску од било кога“? Што поблиску? Што поблиску од било кога, кога има само еден услов за да почнеш преговори со ЕУ. Да смениш Устав.  Ако Владата земала обврска да го смени Уставот, а не успеала да го смени, тогаш ЕУ е исто далеку и сега, како што била било кога.

И сега, за неуспехот на Владата да ја исполни обврската што си ја прифати со францускиот предлог без да размисли дали воопшто е остварлив, нам ќе ни наплати уште 350.000 евра. Оти, досега не нè убеди со трибините дека „Ние сме Европа’  што чинеа 80.000 евра. Како да нѐ казнуваат оти сме биле глупави што сме останале тука. Дека навистина сме верувале оти ЕУ можело да си ја направиме дома, а не бескрајно да нѐ понижуваат и ЕУ, и нашата власт, во име на некоја замислена иднина.

2 Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред Собранието на пратениците им рече „веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво, кај нас – политичарите. И за секого, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“.

Зошто по изборите? Зошто не сега? И зошто не досега?

А по изборите кои обвинители и кои судии ќе ги гонат политичарите? Овие истите? По изборите ќе увезат интегритет од ЕУ, што досега им фалеше, па ќе почнат да судат по право и правда.

Фино звучи ова што го зборува претседателот Стево Пендаровски. Иако и тој им помогна на корумпираните политичари да не одговараат за криминалите и полесно да се извлечат, потпишувајќи ги измените на Кривичниот законик за намалување на казните и побрзо застарување на делата.

Ова што ни го кажува претседателот е исто како кога на тешко болен човек некој му кажува колку му е лоша болеста. Ама, сочувствува со него. Оти, ние не знаеме колку ни е страшна корупцијата што ни ја разјадува државата, па требаше претседателот да ни каже во годишно обраќање во Собранието.

За волја на вистината, Пендаровски досега покажа дека чесно и домаќински го троши претседателскиот буџет. Но, неговиот личен пример, а особено неговиот збор како шеф на државата нема некое значително влијание врз владејачката коалиција. Колку има значење тоа што го зборува Пендаровски во владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ чијшто кандидат беше?

Триесет години имаме локални и централни власти кои не мислат дека корупцијата е штетна. Тоа е веќе толку нормализирано што станало ментална карактеристика и на гласачите. Корупцијата не им пречи.

Имаме Влада која не ги есапи барањата на Антикорупциска комисија за разрешување на корумпирани вршители на јавни функции и не го есапи извештаите на Државниот завод за ревизија кои укажуваат на криминал. Зошто би го есапела зборот на претседателот, кога ништо не им може?

3 На толку прекраснотии во главниот град, злобните скопјани се фатија за елката на градоначалничката Данела Арсовска. Крива била, ненакитена била, ни се смееле Србите. А и Хрватите.

Глупости. Баталете елката. Не гледате колку е среден градот. Живееме во модерно Скопје, како што ветуваше градоначалничката што на гласачите подмолно им ја подметна ВМРО-ДПМНЕ како независна кандидатка и најдобра менаџерка во светот. Ама шуќур, се погоди жената. Јавниот превоз функционира беспрекорно, мостовите се пуштени, сообраќајниот метеж е растоварен, градот е чист, почист, како никогаш досега, градењето на пречистителната станица на Вардар е во полн ек, клучката кај Момин Поток е пред завршување… За малку ќе стасаа и 250-те автобуси што ги купуваше заедно со Христијан Мицкоски за бесплатен јавен превоз, да не беа „манипулациите, сензационализмот и шпекулациите од политичките партии кои 30 години ја цицаат Македонија“. И животните во Зоолошката градина умираат од стресен живот истраумитизирани од „крадење 30 години, приватизација и бркање илјадници луѓе од работа“.

Ќе се слика градоначалничката по 100-ти пат од Америка и други странства на „студиски патувања“, каде што ја учат на добро владеење, транспарентност и отчетност за трошењето јавни пари. А кога ќе се врати дома ќе се жали по странските амбасади дека сите се против неа оти ем е жена, ем независна, ем успешна и ќе се заканува со тужби „ако не го повлечете текстот во рок од 48 часа“. Нејзиниот успех е толку очебиен, што зборува самиот за себе и нема потреба градоначалничката да се појавува пред новинарите. Батали медиумите, туку не се појавува ни на седниците на Советот на Град Скопје, каде што не само што не одговара на советнички прашања, туку не гледа потреба да ги брани ни сопствените проекти што треба да ѝ ги изгласаат.

Зошто да не ѝ веруваме на збор дека имало јавен повик за трошење 30.000 евра за украсување на Скопје, иако повикот никаде го нема? Кој рекол дека јавниот повик не смее да биде таен? Може Данела пратила телали со барабани да викаат низ Скопје: „Чујте почујте, ќе се кити Скопје, сум решила 30.000 евра да потрошам, кој сака да украсува и да прави забави на Плоштад нека се пријави!“. Ако никаде ја нема објавено јавната набавка и кој добил на тендер, сигурно од дома ги платила украсите. Оти, ако платиле други, ќе помислат луѓето дека тоа е поткуп, или не дај боже рекет.  Како да не ѝ веруваме на збор, кога секојдневно на дело ни покажува колку успешно го менаџира Градот. Како што успешно ги водеше нејзините приватни бизниси со салата „Расадник“.

Данела Арсовска е на половина мандат, а веќе се гледа најголемата придобивка од нејзиното владеење. Им даде урнек на сите идни власти како може успешно да се владее со мамење, жалење и игнорирање на јавноста и на институциите.

Туку, ВМРО-ДПМНЕ што го запусти Скопје, го запусти. Ама за СДСМ ми е муабетот. Колку ли треба да си очаен како партија на власт, да се кладиш на Данела дека таа ќе го зафркне ВМРО на Мицкоски и ќе му одлее гласови на избори? Најдоа со кого да садат краставици.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST