1 Ех, кога би ја имале сите решителноста и единството на контролорите за летање, па да се побуниме против партиските вработувања на неспособни кадри во државните институции. Па и датумот им се погоди кога Владата преговараше да го одложат штрајкот – на Денот на народното востание, 11 Октомври. Случајно, но добредојдено да нè освести дека нам ни треба ново граѓанско востание. Не како во 1941 со напад на участокот на бугарската фашистичка администрација што ја имаше окупирано Македонија, туку, ко што би рекол Зоран Заев, со пенкало в рака, да се организираме и да ја ослободиме државата од заложништвото на партиите што ја држат окупирана секаде каде што се на власт, и на централно и на локално ниво. Нашите современи участоци сега се сите министерства, јавни претпријатија, агенции, општини, комунални претпријатија и институции претрупани со неспособни и мрзеливи кадри кои ѝ одговараат само на партијата што ги вдомила. На крајот на краиштата, не е толку проблем што се вработени партиски и по етничка припадност. Нека бидат и така. Ама проблемот е што се неспособни, некадарни и неодговорни. А најголем проблем е што ние ги плаќаме како такви – неспособни, некадарни и неодговорни.
Па уште и ќе им ги слушаме тажните приказни колку им биле мали платите. Па нека бидат дупло помалку вработени, така и платите ќе им бидат поголеми на тие што ги бива и не забошотуваат. Штом се незадоволни од државната плата нека одат во приватна компанија, таму нека се докажат за повеќе. Нека отворат и сопствени бизниси. Така и економијата ќе живне, за сите ќе биде поарно. Ама имале кредити за враќање и деца за школување. Ма немој. Оти работниците по приватните компании немаат кредити и деца за школување, па само за децата на администрацијата треба да работат. Дојди си подоцна, оди си порано, договори се со шефот да споиш викенд со празник. Одиш на работа без никаква одговорност. Ако задоцниш со предметот – си задоцнил, ако згрешиш – си згрешил. Никој не те казнува, никој не те брка од работа. Казнет ли е некој дека три години не се отпечатени сите учебници?
Во Контролата на летање имало случај да примат жена на работно место чувар, на оглас што траел три дена и тоа преку викенд, таа дошла првиот ден на работа, поработела на портирница, вториот ден ја унапредиле во некаков референт и веќе четвртиот ден зела породилно отсуство со ризична бременост. Тоа значи дека партиите што ни ја окупираа државата толку се осилија, па спремни се да ја загрозат и безбедноста на авиособраќајот само за да си купат гласачи со нашите заеднички пари. Тотално безумие – божем утре тие или нивните блиски нема да се возат во авион. Како го уништија државното претпријатие „Македонски железници“? Бутај, бутај администрација во Железници, па сега нема возови ни за нив. Бутај администрација во „Македонски пошти“, па сега нема пошта ни за нив. Бутај, бутај администрација во „Државни патишта“, па сега нема безбедни патишта ни за нив.
Држава не може без администрација. Ама па, која држава може да издржи толку неработници?
Бутај, бутај во администрација – и без држава ќе останеме. Сфаќаат ли во партиите дека сите ќе рикнеме? Дека ќе цркнат прво тие што го полнат буџетот, па после и тие што го трошат, оти ќе немаат од каде да земат. Ќе останеме без здравство, царина, полиција, војска, образование… Приватните фирми молат за работници. Децата си заминуваат. И на крај ќе останат само пензионерите и администрацијата. Кај и да е, ќе останеме и без земјиште оти Општините ја раздадоа земјата за комуналии за градење, за да можат да поделат плати на администрацијата. И кога сè ќе распродадат, од каде плата? Мала е земјава, толку има.
Значи, овојпат навистина е време за граѓанско востание. Со пенкало, се разбира. Ама со квалитетно мастило. Не со она на Зоран Заев, што почна да бледнее само што СДСМ и ДУИ стапија на власт. А не и со мастилото на ВМРО-ДПМНЕ, оти и по седум години живееме со пустошот во институциите што го остави нивното владеење. А пак Левица, освен плукање и пцости, не ни има мастило да понуди.
2Претседателот Стево Пендаровски, во интервју на ТВ Телма, рече дека тој е единствениот од актуелната политичка гарнитура кој една година наназад зборува оти, по изгласувањето на францускиот предлог во Собранието, требаше да се направи проценка дека нема шанса да се направи двотретинско мнозинство и вели дека промената на Уставот треба да му се остави на некое идно мнозинство во Собранието. Иако, не спори дека францускиот предлог е добар.
Кога година и пол тоа го зборуваа сите што имаа малку повеќе контакт со реалноста, власта ги етикетираше за антиевропејци. Сега и Стево Пендаровски ли е антиевропеец? Не е, оти тој и натаму вели дека францускиот предлог е добар. И министерот за надворешни работи пред две-три недели за германскиот весник „ФАЦ“ рече: „Прилично сум сигурен дека Бугарија ќе формулира нови барања“. Ама и тој вели дека францускиот предлог е добар.
Како може да е добар кога е неспроведлив? Како може да е добар, кога нам не ни врши работа? Како може да е добар кога ние остануваме заглавени и не одиме во ЕУ?
Добар е само за власта што си купи година и пол време. Како пијани за стап се фатија да ги внесат Бугарите во Уставот, наместо да се фатат за работа да ја средат државата. Со кои политичари ќе влеземе во ЕУ? Со овие истиве? Ќе ги врателе децата од странство кога ќе го смениме Уставот. Жити сè. Тие приказни за ЕУ со кои нè замајуваат и ни го губат и времето и енергијата, им служат само за да продолжат по старо. Да вработуваат партиски и да крадат. Да им угодат на партиските клиенти напикани по институциите и на државно и на локално ниво, и на функционерите кои можат да продолжат неказниво да нè крадат.
3 За каква најбрзорастечка економија кога ќе влеземе во ЕУ зборува премиерот Димитар Ковачевски? Така било тоа. Вечерта ќе си легнеме како Пепелашка и сабајлето ќе се разбудиме како принцези, оти ЕУ со волшебно стапче ќе ни донесе златни кочии на валканите улици.
Стапката на економски раст годинава е проценета на 1,8 проценти. Цел државен буџет оди само за нивните плати и нивните проекти за крадење. Може да зборуваме за најбрзорастечка економија ако од минус еден дојдеме до 0, или плус еден. Или пак, ако ги конфискуваме сите искрадени пари од политичарите и партиите и ги вложиме во нови бизниси. Ама тоа нема да се случи. Еве, секој ден гледаме како на арамиите им застаруваат делата со изменетиот Кривичен закон. И тоа веќе не е ни вест вредна за внимание.
Кој да ти мисли на 2030 година, за кога власта нè уверува дека ќе влеземе во ЕУ, кога ние немаме дерман од нивниот апашлук сега, во 2023.
4Веќе не е вест ни дека не возат возовите од Скопје до Битола. Вторпат за две недели прекинат е железничкиот сообраќај меѓу двата најголеми града во државата оти жители ги палеле нивите, па изгореле и железничките прагови.
Ама, што ќе ни е воз кон Битола? Нашиот воз е тргнат кон ЕУ. И тоа на брза пруга.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST