ДАЈ ДРУГА ТАБЛА

| 29 септември, 2023

Ниедна борба не е потешка од реалноста во која живееме.

1 Не сфаќам. Зошто е голем скандал тоа што некоја пратеничка од опозицијата на собраниска говорница му рекла на вицепремиер дека е лигав? Па уште и тоа е главна вест од седница на која се поставуваат пратенички прашања. Па, за драмата да биде уште поинтересна, и седницата беше прекината. Леле, леле, чудесиии…

Ова Собрание пред само дестина дена искриумчари закон со кој се намалуваат казните и се крати рокот на застареност на кривичните дела за корупција на функционерите. Оваа Влада на најподмолен и најшверцерски начин ги поднесе во Собранието измените на Кривичниот законик со кој практично се легализира неказнивоста за корупција на поранешните, сегашните и идните функционери. Овие пратеници ги изгласаа промените на законот за само три дена, и тоа пред продолжен празничен викенд – власта гласаше „за“, опозицијата гласаше „против“, ама не се ни обиде да го блокира изгласувањето на законот, ниту пак да го одложи.

И сега – одеднаш зборот „лигав“ бил срамен кога пратеник ќе го изговори на собраниска говорница. Море ниту еден збор, па дури ниту пцост изговорена од пратениците повеќе не е навредлива. Затоа што нивниот збор едноставно не вреди ништо. Ако сакаат може утре и голи да се соблечат на говорница, нека мавтаат и со гаќи додека зборуваат за ЕУ, за народот и за борба против корупција. Тоа нема да биде ништо во однос на законот со кој си ја легализираа сопствената неказнивост, дури и ако ги фатат во крадење. Не можеа да направат нешто понавредливо за нас што ги гласаме.

Или, можеби можат?

2Честопати се прашувам дали и ние сме такви какви што ни се политичарите на кои им даваме легитимитет на избори? Познавам прилично голема бројка луѓе што се од една или друга партија и вака лично кога правиш муабет, не ми изгледаат толку чурук. Ама кога ќе ги изберат на некоја функција, ги лоботомираат ли, со ласер ли им влегуваат во мозоците, им ги повредуваат ли центрите за етика, морал, па стануваат алчни, нечовечни, нетрпеливи, арогантни… Политичка култура – нула. Интегритет на пратеник – нула. За каква политичка култура зборуваме, кога пратеникот не гласа со своја глава туку како ќе каже партијата? Дијалог – нула. Волја за договор -нула. Грижа за јавен интерес – дури и под нула.

Кога ќе оди човек на политичкиот пазар, што да види? Бивши, сегашни и криминалци во најава. Кого да избереш во систем во кој кандидатот за пратеник наместо да се плаши од гласачкото тело, се плаши од лидерот на партијата? Не е дека досега не можеа да го сменат изборниот систем, па да одат со една изборна единица и со отворени листи. Да гласаме за луѓе, а не за партии и нивните лидери без државнички способности. Да сакаа, досега ќе го сменеа и изборниот систем, како што се ујдисаа за Кривичниот законик, за пратеничките дневници, за платите… Сè ми се чини и дека откако ги добија 78 отсто поголемите плати уште повеќе збеснаа.

Човек се уморува. И губи енергија. И му се згадува. Ситуацијава не е баш многу супер-супер-надежна. Ама треба ли да им се предадеме на неспособните и корумпирани партиски војници и на нивните клиенти? Од овој пазар промена не може да се очекува. Мора да се бара чаре.

Да се потсетиме дека пред само две години, на локалните избори во октомври 2021, учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Освоија 65.000 гласа. Податоците се за советничките листи. Некои од нив регистрирани само неколку месеци пред изборите. Не ги броиме гласовите за божем независните кандидати за градоначалници поддржани од партиите. Повеќе гласови од независните листи имаа само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Со 65.000 гласа, тие независни листи се позиционираа како четврта политичка сила.

Некогаш се поуспешни, некогаш се неуспешни, но нивниот глас не е за потценување. Нивната борба е тешка. Но не е потешка од реалноста во која живееме.

3 Во реалноста, помеѓу „лигавиот министер“ и „милуваната, ама нецелувана пратеничка“, кражбата на цитостатици на Клиниката за онкологија, ослободувањето на функционери од кривично гонење за корупција и најава за масовна амнестија за да се ослободат места во затворите, ни се појави и веста дека двајца затворски командири во „Идризово“ му платиле 4.000 евра на затвореник кој ги лажел дека ќе ги вработи во МВР. Не ги подмитувал затвореникот командирите како во секоја нормална држава. Тие го подмитувале него. Му верувале без да проверат дека тој третпат лежи в затвор за исто дело – сите ги мамел дека ќе ги вработи во МВР. Само тарифата му останала иста, како Народна банка што го има фиксирано денарот за еврото. Фер и чесно и со финансиска дисциплина.

По првичниот шок, чудење, мајтапи и сериозни анализи колку корупцијата ни влегла во секоја пора од животот, се појавија и добронамерни сугестии на граѓани дека овој човек не треба да скапува в затвор, туку треба да се искористи за дипломатска офанзива. Нели, до 2030 треба во ЕУ влеземе.

4 Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) изјави дека „динамиката на бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден“ и дека „прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“.

Во истото интервју Османи рече и дека сме постигнале компромис со акциски план за малцинствата. Каков компромис, кога Бугарија не признава дека има малцинства.

До пред неполни два месеца, Османи дома ни црташе на табла дека откако ќе го смениме Уставот Бугарија ќе нема нови барања. Што ли се случи во меѓувреме за министерот да го смени мислењето, па во странство да изјавува дека „прилично е сигурен дека Бугарија ќе формулира нови барања“?

Да не му снема простор на таблата за пишување? Дајте му нова табла.

5 Забавата за народ продолжува со предвидлив тек на настаните. Како во филмовите за пред заспивање, кога крајот го знаеш уште додека се врти најавната шпица, па не вреди другиот ден да му се навратиш. На репертоарот сè уште е филмчето за у-ес-бе-то на Груевски и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, а од пред некој ден се појави и „сплотувањето на СДСМ со видливо присуство на Заев како европски фронтмен“.

Тие два филма и како реално шоу да беа снимени, ќе беа откажани уште по првата сезона. Ни нивната верна публика веќе не ги гледа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST