СОСТОЈБО, НАДМИНИ СЕ!

| 28 април, 2023

Не се секирајте, има уште предмети за застарување

1 Нема што многу да се трошат зборови и да се жалиме за состојбата во правосудството. Видовме дека во Судскиот совет, највисокото судско тело кое избира и разрешува судии, заменик-претседателот самиот си измисли процедура за разрешување на претседателката. Ај што си измисли процедура што нема врска со законот, туку доби и уште шест гласа од колегите во Советот таа процедура и да ја спроведе. По овој настан, веќе нема ни потреба од длабокоумни анализи за состојбите во правосудството, дебати за реформи и ветувања на патот за ЕУ. Нема тука ни муабет кој се меша во судските одлуки – дали СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ. Сè е јасно: здружено спречија разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети, кој доволно долго  го држел во фиока високопрофилниот случај против поранешниот директор на тајната служба Сашо Мијалков, за да му овозможи застарување на делото. Станува збор за случајот на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување на илјадници граѓани. Тоа е случај од кој што произлегоа сите други случаи и од каде што тргна заробувањето на државата, но никој за тоа нема да одговара.

Но, тоа не е сè. Истиот судија треба да биде избран за судија во Врховниот суд. Сигурно и таму има уште случаи за застарување. Ама, без гајле. Судскиот совет, овој Судски совет, ќе му прави надзор.

Но, и тоа не е сè. Истиот ден, Советот на јавни обвинители ја даде на Етички совет обвинителката Ленче Ристоска која изјави дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание. Ќе утврдуваат дали таа го прекршила етичкиот кодекс затоа што откри дека на кандидатите за обвинители им викале – пријавете се, ќе ве избереме, наши сте.

Кога највисоките правосудни тела не го почитуваат правото, кога за Судски совет не важи ни закон, ни процедура, а Совет на обвинители казнува за укажување корупција, вреди ли воопшто да се прави муабет за независно судство и обвинителство, а не пак, уште и за реформи во правосудството?

Министерот за правда Кренар Лога соопшти дека „се надева и посакува да се надмине цела ситуација“. Врховниот суд соопшти дека „внимателно ја следи ситуацијата и го охрабрува Судскиот совет да ја надмине состојбата“. Небаре, ова цртан филм е. Ќе плеснеш со рацете, ќе кажеш: „Состојбо, надмини се!“ и оп – состојбата надмината.

Јавноста се потресе од состојбата, а судиите и обвинителите си молчат. Поарно да се скријат додека не се стиши бучавата. Оти и тие си знаат од кое тефтерче потекнуваат и кој им рекол – конкурирајте, ќе ве примиме.

2 На сето ова претходеше писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер до Владата, во кое пишала дека е „загрижена и разочарана поради големиот број високопрофилни предмети кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење“ и дека „нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд, дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“.

По ова писмо, судиите од Апелациониот суд се собрале и решиле да одговорат дека немаат доволно судии. Веројатно, судиите се зафатени со случаи на кражби на ќебапчиња, па не можат да стасаат да ги прегледаат случаите во кои се осудени политичари и бизнисмени. Преведено на македонски: Не се секирајте, има уште случаи за застарување.

Американската амбасадорка во писмото посочила дека САД досега вложиле над 560 милиони долари за обуки на повеќето судии и обвинители од Македонија.

Не е дека судиите и обвинителите не научиле ништо на тие обуки. Не е ни дека не ги знаат ни законите и процедурите во Македонија. Впрочем, тоа најдобро го докажуваат кога треба да укинат пресуди и да ги застарат предметите. Ама, ако некој судија или обвинител нема интегритет, како професионалец, а пред сè како човек, џабе им е и уште сто пати да ги однесат во Америка и уште сто обуки да им платат.

По ова јавно разобличување на судско-политичката спрега, можеби е време повторно да се вратиме на идејата на поранешниот премиер Зоран Заев за генерален реизбор и сите судии и обвинители да си одат дома. Што е за право на почеток на мандатот, тој се згрозуваше дека судии му се умилкуваат, ама потоа и самиот учествуваше во саботирањето на идејата за реизбор. Така што, на американските даночни обврзници, а и на холандските, британските, швајцарските, германските, француските, италијанските и сите други што им ги плаќаат обуките на нашите судии и обвинители, поевтино ќе им е да платат некоја меѓународна конкурсна комисија што ќе ги реизбира судиите и јавните обвинители, наместо тоа да го прават локалниве судски и обвинителски совети. Оти на овие сегашниве, местото можеби и им е на суд. Ама не како судии и обвинители, туку – на обвинителна клупа.

3 Во врска со писмото на американската амбасадорка, една новинарка го праша премиерот Димитар Ковачевски: До кога ќе нè толерира меѓународната заедница?

Што има меѓународната заедница да нè толерира? Штом дома власта не чувствува притисок, баш ѝ е гајле на меѓународната заедница дали и кој нè краде. Однадвор ќе ни прават притисок да го менуваме Уставот, ако треба уште сто пати, за да обезбедат регионална стабилност, за тие да си немаат главоболки. А за дома што ќе правиме? Како сте си избрале, така ќе си живеете.

Така што, прашањето не е до кога ќе нè трпи меѓународната заедница. Туку, до кога ние ќе трпиме оние што ги бираме и ги плаќаме за чесно да владеат, кога ќе дојдат на власт – да нè крадат. Па, ај што нè крадат, уште и будали нè прават. И ни се смеат в лице – ве крадеме, ама за ваше добро.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST