ЌУТИ, ТРАЈ

| 20 јануари, 2023

Со снисходливост најдобро се правдаат потребите од уставни измени

1 Во реалноста се покажува која држава држи до себе, а која е подлизурковска. МНР на Бугарија, без воопшто да ја чека истрагата зошто пред кафеана во Охрид бил истепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, ја викна македонската амбасадорка Агнеза Руси да ѝ врачи нота „за злосторства од омраза против Бугарите“. А министерот Бујар Османи да не остане покусо, исто така, без да ја чека истрагата за кафеанската тепачка изјави дека „во оваа држава никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења, ставови, чувства или идентитет“.

Речиси во исто време додека Бујар бараше од институциите „да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои што извршиле физички напад поради етнички, културен или било кој идентитет на наш граѓанин“, од билтените на МВР се разбра дека кај натепаниот Охриѓанец на 17 декември бил пронајден кокаин и против него е поднесена кривична пријава за дилање дрога.

Ова охридско момче натепано пред кафеана го бранат две држави. Ем бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков, ем македонскиот министер Бујар Османи. А бугарскиот претседател Румен Радев испраќа специјален авион да го транспортираат на лечење во Софија. Дилерскиот идентитет загарантиран – бетон.

Ова веќе станува опасно. Замисли кој било од оние над 100.000 Македонци со бугарски пасоши да настрада во кафеанска тепачка или, не дај боже, биде приведен од полиција осомничен за криминал. Одма станува жртва на „злосторство против Бугарите“. Досега, Македонците вадеа бугарски пасоши за да можат да студираат и работат во земјите на ЕУ со поволности на европски граѓани. Отсега, да си знаеме дека бугарскиот пасош им дава и имунитет за криминал.

Штом врховниот командант на Бугарија така лесно праќа авион за да евакуира повреден во кафеанска тепачка, утре така може и тенкови да испрати.

2   Министерот Бујар Османи, кому пред само една недела европратеникот Ангел Џамбаски и лидерот на парламентараната партија Преродба Костадин Костадинов под прозорци му викаа дека „Македонија е Бугарија“, побара Бугарија да се огради од навредливите изјави. Во МНР немаше драма со повикување на бугарскиот амбасадор, немаше дипломатски ноти со обвинување за говор на омраза. И Османи и премиерот Димитар Ковачевски рекоа дека не вредело да се реагира за маргиналци. Оти Џамбаски кој е европратеник и Костадинов со 27 пратеници што е четврта по големина пратеничка група се со маргинално значење, а 21-годишниот дилер на кокаин, кој патем е и секретар на бугарски приватен клуб, е од централно значење за преговорите со Европската унија.

Во реакцијата на македонското МНР уште и ја пофалија Бугарија дека вложувала напори „за одржување на конструктивна соработка и позитивен дух во билатералните односи меѓу двете држави“. Еден позитивен дух, џанам… Тие јазикот не ти го признаваат, па уште тоа и го запечатија со еднострана изјава во преговарачката рамка за ЕУ, ја злоупотребуваат моќта на ЕУ за асимилација на помал сосед, а Бујар Османи со позитивен дух ќе ги оправа.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека не коментира маргинални политичари, оти тој како премиер комуницирал само со Владата во Софија. А во Бугарија две години Влада не можат да направат, ни самите Бугари не знаат кој им е премиер.

Е па, ете сега нека им игра мајтап бугарското МНР дека „Република Северна Македонија не може да ја гарантира сигурноста на сопствените граѓани“. И така е. Македонската држава не може сопствените граѓани да ги заштити од нападите на бугарски политичари кои доаѓаат среде Скопје, и навредуваат и провоцираат. Па уште и наша полиција ги чува.

Што се исплашија толку од нивно протерување и прогласување персона нон-грата? Џамбаски бил европски пратеник. Супер тогаш, нека си оди во Брисел, Берлин, Хаг, Копенхаген, таму нека им раскажува дека европска вредност е кога поголема држава ја силува помалата, а другите се прават дека не гледаат, оти силеџијата им е дел од семејството. А Костадинов нека оди во Софија нека прави Влада. Во бугарското Собрание е. Не може да викаш дека е маргиналец.

Само продолжете со услужливоста кон Бугарија. Така најдобро се штитат државните интереси.

3 Туку, ќути, трај до промена на Уставот. Со снисходливост најдобро се правдаат потребите од уставни измени, за кои вицепремиерот Бојан Маричиќ најави интензивирање на дебатата. Не сум баш убеден дека ова понижување на Македонците дома, од сопствената држава, создава благонаклона клима за ние да можеме да сфатиме дека уставните измени се потребни и се за наше добро.

Сега и Алијанса на Арбен Таравари ќе ја ставаат во Владата. Премиерот Ковачевски рече дека вратата е отворена „за сите партии кои се за европска Македонија“. Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека за да се протуркаат уставните измени ќе се прави Алијанса за Европа. А бе, тие може како сакаат да ја наречат новата коалиција, ама на крај пак се сведува на поделба на директорски места, пристап до јавни пари и личен ќар. Каде ли ќе најдат уште директорски места, ќе мора да измислуваме нови јавни претпријатија.

Инаку, ако Таравари навистина верува дека промената на Уставот ќе нè однесе во ЕУ, зошто неговата партија мора да влегува во Владата? Просто е, нека си гласаат пратениците на Алијанса во Собрание. Или, со министерски и директорски места и со проценти од тендери и јавни набавки уште повеќе се зацврстува вербата во ЕУ?

А што се однесува до Али Ахмети и неговата нова измислица Алијанса за Европа, да ми е да знам што има европско во практикувањето власт на ДУИ?

4 Завршува зимскиот распуст за учениците во основните и средните школи. Зошто за време на зимскиот распуст не работат ни базените? Зарем децата кога се слободни не смеат да одат на пливање?

Третооделенците не можат да пливаат преку ден, ама затоа, додека се на распуст може да одат на вечера во ресторан и да заглават. Е и тоа е една будалаштина поврзана со зимскиот распуст. Работното време на рестораните и кафеаните е продолжено до еден часот по полноќ само за време на распустот. Зошто кафеаните да не затвораат подоцна и да не се продолжи работното време на кафеаните и за време на учебната година, кога децата треба да учат? Ионака малолетници не би требало да одат во кафеана, тоа ништо не им менува.

Со години се чудам и за базените и за кафеаните. И со години прашуваме зошто е така, оти некако нема логика. Ама, досега никој нема дадено логичен одговор.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST