ИЛИНДЕН ЗА РАДОСТ

| 29 јули, 2022

Ајде да си го вратиме празникот. Да ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.

Драги мои,

Да одмориме малку. Да му се радуваме на големиот државен празник 2 Август, да го испочитуваме значајниот верски празник Свети Илија и да уживаме во продолжениот илинденски летен викенд.

Уште од 1997, кога на 2 Август на Мечкин Камен во Крушево извесна госпоѓа Сребра го исплука претседателот на Републиката Киро Глигоров со „непозната течност од шише“, (како што со полициско-обвинителски речник се огласи тогашната власт), Илинден е празник кој партиите се натпреваруваат како да ни го расипат.

Искрено, преку глава ми е секој Илинден да се секирам кој каде ќе се појави, кој што ќе каже и дали празникот ќе ни го упропастат партиските лидери и нивните партиски војници. Наместо да се радуваме, ние традиционално за Илинден чекаме да видиме дали ќе плука ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе кука СДСМ, дали празникот ќе го испочитува ДУИ, кој какво знаме ќе вее, кој каква униформа ќе облече, кој кого ќе обвини за предавство… Наместо да се собереме на Мечкин Камен со огномет и да ја дочекаме зората на Илинден со голем концерт на кој ќе дојдат туристи од целиот регион, или техно журка што ќе ги собере младите од цело соседство, како што е редот во 21 век, ние ќе редиме кордони полицајци по патот за Крушево за политичарите да читаат говори кои не ги слушаат ни нивните партиски послушници.

Празникот не е на партиите и на политичарите. Празникот е наш. И имаме голема причина за славење. Оваа генерација ужива во резултатите од борбата и на илинденците од 1903 и на илинденците од 1944. Имаме држава. Имаме значително многу повеќе пријатели отколку непријатели. И навистина, мора да сме многу глупави кога дозволуваме партиите да ни го сетираат празничното расположение и да ни го киднапираат патриотизмот.

Сребра од Драчево, што на Илинден 1997 беше донесена во Крушево со некоја од оние партиски екскурзии со автобуси, беше осудена на пет месеци затвор условно за навреда на Претседателот на Републиката. На телевизија изјави: „Тие го исплукаа, а мене ме наместија“.

Луѓе, дајте да излеземе од вителот на лошотија. Ајде да си го вратиме празникот. Да ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.

Нека ни е честит 2 Август, двојниот Илинден.

Да сме живи и здрави и да наздравиме за Македонија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST