Јас сум новинар
ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ
И така, на 12 јануари 1991 излезе „Сакам да кажам“. И следната сабота уште една. Па уште една, па уште една…
Јас сум новинар
Во второ одделение имав петка по краснопис. Не знам дали тоа имало некакво влијание за да станам новинар. Или пак, затоа што во седмо одделение добив втора награда во тогашната СФР Југославија, оти напишав стихотворба дека сакам да одам на Марс. Нормално, на Марс не отидов, ама за утеха ме качија во авион за Мостар. Таква беше наградата. Плус, тогашната државна компанија ЈАТ ми подари патна торба.
Којзнае, можеби на мојата животна определба влијаело и тоа што во четврта година гимназија единствената четворка ми беше по македонски јазик, за лошо напишана писмена задача. Инает? Не сум некој голем инаетчија, особено ако не се чувствувам комфорно во тоа што го правам.
Ни гените немаат улога во изборот на мојата професија. Мајка ми и татко беа државни службеници кои немаат никаква врска со новинарството. Нивниот придонес кон ова што сум сега, веројатно е во тоа што кај нас секој ден се купуваа „Нова Македонија“, „Вечер“ и белградска „Политика“. И што, додека ручавме не смееше многу да се зборува, затоа што мораше да се слушаат вестите на радио во 15.30.
Сепак, мислам дека станав новинар затоа што барав професија која ќе ми овозможи да заработувам со работа која не е врзана ниту со канцеларија, ниту со фиксно работно време. И не само што не се гледав себеси затворен, туку во исто време барав нешто што ќе ми овозможи да патувам. И – станав новинар. Досега, задоволен сум со изборот.
Јас сум скопско постземјотресно дете. Роден сум во Битола на 24 ноември 1963, ама цел живот сум некаде во границите на релација Карпош – Дебар Маало. Краснописот и стихотворбите за Марс ги правев во „Вера Циривири-Трена“, незаслужено добивав петки по математика и хемија во гимназијата „Никола Карев“, а студирав на Интердисциплинарните судии по новинарство во универзитетскиот комплекс „Свети Кирил и Методиј“. Уште од првата година на студиите, во 1983 година, хонорарно работев во „Студенски збор“ во една барака која беше зад Машинскиот факултет во Карпош.
Фактички, новинар сум цел живот. Уште од 1982, кога како војник во тогашната Југословенска народна армија во Белград пишував репортажи во војничкиот магазин.
Првата плата ја заработив во весникот „Вечер“, во септември 1989 година. Имав среќа дека во периодот кога се распаѓаа и старата држава и стариот систем ми се погодија уредници кои беа слободоумни. Златко Блајер и покојниот Александар Ивановски се уредниците на кои цел живот ќе им останам должен. Најмногу поради тоа што без новинарска суета го препознаа потенцијалот што го имам и што имаа доверба уште од првиот ден да ме фрлат на одговорни задачи. Многу брзо моите наслови се појавија на насловната страница на „Вечер“. И – тоа е тоа.
Сакам да кажам
Многу брзо, Ацо почна да ми дава задачи да направам коментар за саботното издание. Тој дел од весникот, таа трета страница десно беше престиж и по непишано правило резервирана за големи новинарски имиња. Имав трема кога ги пишував тие коментари, оти мислев дека треба да покажам дека многу сум паметен, дека знам многу странски зборови, дека пишувам сложени реченици, дека користам политичка фразеологија. Арно ама, бидејќи тоа ми паѓаше многу тешко, почнав да пишувам едноставно како што зборувам и кога не треба да се правам многу паметен. Онака, како што јас како читател би сакал да прочитам. Се сеќавам дека ќе седнев во петок попладне пред машината за чукање пред празниот лист хартија, ќе мислев, ќе мислев, ќе пиев кафиња во бифето, ќе шетав по ходници, ќе слегував до кај колегите во „Нова Македонија“ и на крај ќе си речев: Чекај бе, како сакаш да кажеш? Напиши како што кажуваш.
И така, на 12 јануари 1991 излезе „Сакам да кажам“. И следната сабота уште една. Па уште една, па уште една. И кога еднаш му реков на Ацо дека ме мрзи, дека нема што да пишувам, дека немам идеја, се налути и ми рече: „Ова е сериозен весник, а ако ти сакаш да бидеш почитуван новинар, немој никогаш да ти текне да ги изневериш читателите. Јас ќе те казнам ако задоцниш, ќе те наградам ако порасне тиражот, некогаш ќе се повториш, некогаш ќе бидеш одличен, некогаш ќе бидеш слаб… Јас можам да ти простам дури и ако не се појавиш во сабота. Но, читателите се немилосрдни. Тие не простуваат“.
И така, секој петок, повеќе од 1.600 петочни попладниња јас седам пред белиот екран (некогаш беше бел лист хартија со индиго) и се туфкам што сакам сега да кажам, а не сум го кажал порано. Како да го кажам, а да биде кажано како што би сакал да го прочитам. Да искритикуваш, а да не навредиш. Да пофалиш, а да не бидеш подлизурко. И пијам кафиња, станувам, седнувам, вртам телефони, кинам ливчиња, ги грицкам со забите, излегувам „на кратко“ да им се пожалам на пријателите дека немам идеја, ги малтетирам колегите дека не ми помагаат, ѝ ѕвонам на жена ми по сто пати да прашам – за што правевме муабет што реков дека не е лошо да се напише…
Колумната „Сакам да кажам“ опстојува толку долго баш поради тоа што неа ја пишуваат луѓето со кои сум речиси секојдневно во контакт, колешки и колеги, блиски другарки и другари, пријателчиња, познајници, но и луѓе кои ги сретнувам на улица, во продавница, во кафеана… Им ги ловам речениците, им ја фаќам мислата, ги замолувам да ми дообјаснат, да повторат… Многу сум им благодарен.
ВЕСТ
„Вечер“ го напуштив во 2000 година, иако година дена пред тоа дотуркав до главен уредник. Весникот беше во државна сопственост, почнаа проблеми со редовната исплата на плати, не можев ништо да сменам. Бидејќи веќе не гледав потенцијал за развој, одлучив со една група искусни новинари и друга група многу млади почетници да го формирам весникот „Вест“.
Всушност, „Вест“ беше еден унапреден „Вечер“. Точно знаев каков весник сакам да правам – слободоумен, модерен, гласило што урива табуа, весник што се бори против лицемерието и малограѓанштината, допадлив на лик, со впечатливи наслови и квалитетни фотографии.
Првиот број на весникот излезе на 5 јули 2000 година. Тогашниот инвеститор „Фершпед“ имаше доверба во мене кога им реков дека ќе направам најтиражен весник во државата. Таа цел ја достигнавме во 2005 година. „Вест“ беше успешна приказна токму поради фактот дека го правеа четириестина професионалци кои делеа исти вредности и имаа иста мисија – да бидеме поинакви од другите и да откриваме повеќе отколку обичната вест.
Златните години на „Вест“ траеја до 2012 година. Весникот беше дел од германската групација ВАЦ. Финансиската независност и слободата да се посветам исклучиво на професијата ми помогна од Вест да создадам легендарен колектив. Особено се гордеам дека во „Вест“ спроведував кадровска политика која создаваше одлични новинари. Доаѓаа како штотуку завршени студенти, а се изградија во познати уредници и почитувани новинарски имиња.
САКАМДАКАЖАМ.МК (СДК.МК)
„Вест“ заврши неславно откако Германците го продадоа весникот. Со доаѓањето на новиот газда Орце Камчев, кој беше во тесна врска со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ почнаа бруталните политички притисоци на дневна основа. Никогаш не сум помислил дека ќе се соочам со авторитарен режим што ќе ја задушува слободата на професионалното новинарство. Колегиумиот на дневна основа водеше битка како да прошверцуваме вест што не ни беше дозволено да ја објавиме, или да спречам да се објави вест која ни беше наредено да се објави. Тоа беше секојдневна битка да се работи професионално, да не го компромитирам новинарството и најважно од сè – да се задржи чист образ.
Кон крајот на 2015 година менаџментот ме избрка од весникот што го создадов. Година и пол подоцна ја банкротираа компанијата и „Вест’ престана да излегува.
За нецел месец по заминувањето од „Вест“, на 26 јануари 2016 се појави колумната „Сакам да кажам“ на интернет. Така се роди информативниот портал САКАМДАКАЖАМ.МК. Најпрво само со колумната која по традиција продолжи да се појавува секој петок навечер, а веќе по неколку месеци и со оригинални новинарски содржини на моите соработници.
САКАМДАКАЖАМ.МК (СДК.МК) е дигитална редакција која работи по највисоки стандарди на новинарството. Она по што станавме познати е тоа дека ние не ги мамиме читателите, ниту со кликбејт наслови, ниту со полупроверени информации. Нашиот принцип е: Не препишувај, секогаш провери пред да објавиш и почитувај ги читателите со тоа што нема да им го губиш времето со глупости.
За пет години САКАМДАКАЖАМ.МК (СДК.МК) се етаблира во еден од најверодостојните медиуми во Македонија, кој го чита скоро половина од возрасната популација и е прв избор на читателската публика за веродостојни вести. Особено сум горд дека успеав да направам оригинален квалитетен медиумски продукт во кој е вклучена и мрежа на дописници, искусни професионалци без кои не може да се замисли.
FOLLOW THE SUN
Награди и признанија
Во 1992 и 1995 година ја добив наградата на Здружението на новинари на Македонија „Крсте Петков Мисирков“ за колумната Сакам да кажам.
Во 2006 година за колумната „Сакам да кажам“ ја добив најголемата државна награда за новинарство „ „Мито Хаџивасилев Јасмин“.
Пет пати сум го добил признанието „Златна Буба Мара на популураноста“ за најчитана колумна.
Колумни
ОДРЖУВАЊЕ НА СТИРОПОРОТ
Животот во Македонија ни поминува во магичен круг на сезонски теми. Секогаш се истите. Еве, ноември е, ќе си збориме за загадувањето. Ќе почне скијачката сезона, ќе си збориме...
ОПТИМИЗАМ НА МАРГИНИТЕ
Боже, боже, каков оптимизам ни шири премиерот Христијан Мицкоски откако се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, на маргините на Самитот на Европската политичка...
ЛЕЦ ГОУ ТУ ДИСКО
„Сања Божиновска е поголема Македонка од сите вас заедно“, изјави од собраниска говорница премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето дали при составувањето на Владата...
КНИГИ
Сакам да кажам
1991-1996
Сакам да кажам
1997-2001
Сакам да кажам
2002-2005
Сакам да кажам
2006-2010
Сакам да кажам
2011-2015
Другите за мене
СРЦЕТО ЌЕ ЗАИГРА КОГА НЕКОЈ ЌЕ МЕ ПРАША „ГО ЧИТАШЕ ЛИ ГОРАН?“, ВЕЛИ ЗЛАТКО БЛАЈЕР, ПРВИОТ УРЕДНИК НА МИХАЈЛОВСКИ
Сѐ почна летото 1989, неколку месеци откако од „Нова Македонија“ дојдов за главен и одговорен уредник на „Вечер“. Насте Стојковски, директор и главен уредник на „Студентски збор“, предложи да видам еден негов соработник кој штотуку дипломирал на новинарство и му е време за редовно вработување.
Горан дојде на интервјуто (разговор, на старомакедонски) со своето фолио (папка со исечоци на негови написи, според тогашниот јазик). Не се сеќавам за што разговаравме, но знам дека беше изненаден што не ја отворив неговата папка. За тоа имаше две причини: го ценев Насте како опитен професионалец и чесен човек, и… затоа што претходно прочитав неколку написи на Горан.
Од нив се гледаше дека тој лесно ќе се вклопи во екипата што во „Вечер“ се приспособуваше на новото време што забревтано настапуваше. За бегло потсетување, таа есен југословенската Партија (знаете која) веќе се кинеше по национални шевови, а со тоа и државата, на македонската политичка сцена навлегуваа раслојувања и конфузии, падна Берлинскиот ѕид, на економската криза не ѝ се гледаше крајот…
Внатрешно-политичката рубрика на „Вечер“ набрзо почна сѐ поотворено да ги критикува пропустите и слабостите на власта, и да ја испробува нејзината трпеливост. Тоа претпазливо напредување низ минско поле кон новинарска и лична слобода кулминираше со самостојната одлука на партиската организација на „Вечер“ да се самораспушти – прв таков настан во светот.
Горан беше идеален „шпиц“ играч во тој и таков тим. Образован и професионално веќе формиран, без страв од судири со „тие горе“, цивилизирано дрзок, бескомпромисен во застапувањето за демократски принципи и вистина, тој брзо си направи ценето новинарско име.
Следното лето, во 1990 година, заминав во Австралија и мојот дотогашен заменик Александар Ивановски продолжи да го води „Вечер“. Под негово менторство, Горан ја објави првата рубрика (тогаш тоа не го викавме колумна) „Сакам да кажам“. И да ја употребам изветвената фраза, „остатокот е историја“… што продолжува.
И денес, триесет години подоцна, моето подостарено срце ќе заигра кога некој нашинец тука – на претпоследната станица на светот – ќе ме запраша „Го читаше ли Горан?“